Дури ни самата претседателката на СДСМ не верува во тоа што го говори за работата на градоначалникот и локалната самоуправа во првиот мандат на Кирил Пецаков, се вели во реакцијата на Одделение за односи со јавност на прес конференцијата на правата социјалдемократка во Охрид Кристина Крлеска Деспотоска, на која таа ја критикуваше работата на локалната самоуправа во првите 365 дена од мандатот, оценувајќи дека има многу ветувања, а никаква реализација.

Актуелната локална власт, пак, смета дека изнесените критики не се ништо освен невистини, кои немаат врска со реалноста, дотолку повеќе што, како што стои во реакцијата, затекната била исклучително лоша ситуација во општината и јавните претпријатија, што се должи на лошото менаџирање на претходната гарнитура предводена од СДСМ.

Изминаа 365 дена откако новата Локална власт го презеде менаџирањето на Општина Охрид, јавните претпријатија и училиштата. Од затекнатата, пред се финансиска состојба и најопимистите се фрапираа. Новото раководство на Општина Охрид, не само што не се откажа туку напротив започна со силно темпо за санација на тешката состојба во општината, претпријатијата и училиштата. Иако без никаква поддршка од централната власт, успеа да исплаќа стари долгови, а притоа да не генерира нови. За прв пат имаме училишта кои новата учебна година ја започнуваат со НУЛА денари долг и обезбедени сите услови за непречено одвивање на наставата. Јавните претпријатија и покрај огромните долгови и енормното зголемување на сметките за струја кои благодарение на Владата ги добиваат, успеваат редовно да ги извршуваат своите задолженија кон граѓаните и притоа да реализираат нови проекти за добробит на Охриѓани. За потсетување, членови од сегашното раководство на СДСМ додека директоруваа со јавните претпријатија од Охрид, енормно и незаконски си ги зголемуваа платите, нередовно ги сервисираа обврските и од новоформирано претпријатие со НУЛА денари долг во само една година успеаја да го задолжат за 60 милиони денари. –  се наведува во реакцијата.

Од Општина Охрид посочуваат дека се реализирани или се во тек бројни проекти.

За само 365 дена изведена е водоводна линија од вкупно 1520 метри, фекални и атмосферски линии од вкупно 3295 метри, асфалтирани се улици со вкупна површина од 14 138м2, поплочени се улици во вкупна површина од 1 550м2 и партерно се уредени делови со вкупна површина од 5 600м2. Изградени се два резервоари за вода кои беа неопходни за граѓаните. Во завршна фаза се две повеќенаменски спортски игралишта. За поголем дел од проектите кои што ги имаме ветено, документацијата е во завршна фаза. Остваривме средби со меѓународни претставници кои веќе вродуваат со плод. Локалната самоуправа ја отворивме за сите граѓани, а не како во минатото само за ним блиски. Општина Охрид мора и треба да биде отворена општина. – се вели во реакцијата.

Охрид се менува и чекори напред, а така ќе биде и во наредните 365 дена, се додава во соопштението наОдделение за односи со јавност при Општина Охрид.

OhridNews