Уште три дена трае јавниот оглас кој го објави охридската локална самоуправа за издавање на јавен простор на територијата на oпштина Охрид наменет за поставување на рекламни паноа.

-Се работи за осум микролокации за поставување на самостоечки рекламни паноа со максимални димензии 430 х 300 сантиметри. Рекламните паноа треба да имаат двострана светлечка рекламна површина со правоаголна форма. Местоположбата на локациите за  поставување на  рекламните  паноа се дадени во графичкиот приказ кој можете да се подигне секој работен ден во Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште, пишува меѓудугото во јавниот оглас.

Почетната поединечна цена за локациите изнесува 24.000 денари, а истите се издаваат под закуп со времетраење од 5 години.

За учество на јавното надавање заинтересираните странки треба да уплатат депозит во висина од 50.000 денари. Депозитот е неповратен за избраниот субјект, а на останатите субјекти уплатените средства ќе им бидат вратени во рок од 30 дена од денот на јавното наддавање. На јавното наддавање може да учествуваат правни и физички лица регистрирани во Република Македонија кои обавуваат дејност за поставување, издавање и одржување на рекламни паноа.

Критериум за избор на најповолна понуда е највисоко понудена цена на јавното наддавање за закуп по микролокација. Минимална вредност со која може да се лицитира е 500 денари.

Понудите за овој јавен повик може да се доставуваат до 17-ти јули 2014 година до 14.00 часот, а јавното наддавање ќе се изврши на 21-ви јули 2014 година  во 13.00 часот во просториите на Општина Охрид.

OhridNews