Општина Охрид ќе побара од државните власти да се направи адаптација на пакетот мерки кои треба да се применуваат во угостителските објекти од 16-ти август, на барањата од угостителите. Ова е заклучокот од денешниот состанок на угостителите од Охрид со градоначалникот Константин Георгиески и претставници на локалната самоуправа.

Угостителите сметаат дека најновите мерки за заштита од Ковид-19 не се доволно добро составени и оставаат неодговорени прашања за работењето после 16-ти август.

 

Денешната средба беше на барање нa угостителскиот еснаф и ХОТАМ (хотелска асоцијација на Македонија). Очекувавме повеќе одговори од државниот пазарен инспекторат, но за жал тие биле спречени да дојдат на денешната средба. Се донесе заклучок дека, нашите барања коишто се однесуваат на новиот пакет, кој сметаме дека не е добро составен, да бидат ревидирани и да се изврши извесна адаптација на истите. Ќе чекаме одговор од повисоките инстанци, дали ќе најдат слух за нашите барања. – истакна по денешната средба Михаил Мишев претседател на Охридскиот еснаф на угостители од Охрид.

Забелешките од страна на угостителите биле во насока на воведувањето на редарска служба, како треба да се постапи со гостите кои веќе влегле во државава и се сместени во хотелите врз основа на нивниот статус околу вакцинацијата, а нејаснотии се појавуваат и за тоа како да се постапува со веќе закажаните свадби. Мишев вели дека локалната има слух за проблемите на угостителите.

Локалната самоуправа ги слушна нашите проблеми и се заложи да ги процесира понатаму. Сепак е ова на ниво на држава и треба да се пренесе нашето барање кај повисоките инстанци. Како ќе се одвиваат работите понатаму останува да видиме, очекуваме во најбрз рок одговор и се надеваме на разбирање. – изјави Мишев.

Тој додаде дека сите се на иста страна во поглед на заштита на населението од ширење на вирусот, меѓутоа како што вели, треба да се размислува и за негативните економски ефекти кои ќе ги предизвика новиот пакет мерки, но и дека се уште има време и простор за да биде искажано разбирање од државните власти.

 

Кристина А.
Фото: А. Момироска