Од јули идната година општините ќе управуваат со државното градежно неизградено земјиште. Тоа значи дека целиот процес на отуѓување и давање под закуп на градежното земјиште ќе се води на локално ниво, односно во самите општини кои ќе ги исполнуваат условите пропишани во предлог законот.
– Општините многу поуспешно ќе раководат со ова земјиште, а подобро е и за инвеститорите кои повеќе нема да се шетаат со месеци додека ги извадат сите потребни документи за градење, вели градоначалникот Александар Петрески.
Општините за да ги извршуваат работите за располагање со градежното земјиште ќе треба да имаат изготвено едногодишна програма, да имаат потребен број овластени вработени, комисија за јавно наддавање како и електронски систем за јавно наддавање.
– Одговорно тврдам дека општина Охрид ги исполнува условите. Имаме 40 вработени кои работаат токму на оваа проблематика, а неколку пати имаме спроведено и електронско наддавање. Се надевам дека државата, додека стапи законот на сила, нема да ги продаде сите атрактивни локации со кои таа сеуште стопанисува, рече Петрески.
Цената на земјиштето ќе ја одредува градоначалникот во соработка со советот, а Владата ќе дава согласност на цената. При продажба на земјиштето 80 отсто од парите ќе одат на сметката на општините, а останатите 20 ги задржува државата.
Оној кој го купил земјиштето со закон се забранува да го препродаде се до моментот додека тој не извади употребана дозвола за самиот објектот дека е изграден. Доколку не се почитува законот во министерството или во локалната самоуправа казните ќе се движат од 2.000 до 9.000 евра, а на одреден рок ќе им бидат одземани ингеренциите.












