Уривањето на дивоизградените објекти на плажите од првата зона на крајбрежејто на Охридското Езеро ќе продолжат. Тендерската постапка за избор на фирма што би ги остранувала дивоградбите е во тек, по нејзино заокружување ќе продолжи постапувањето по имплементацијата на тој дел од препораките на УНЕСКО, за враќање на плажите во првобитна состојба.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески рече дека ќе се постапува по сите плажи за кои се обезбедени правосилни решенија, зависно можностите и обезбедените средства за таа намена.

Први за постапување се објектите од траен и времен карактер од катастарска парцела 1/1, на самото крајбрежје на езерото. Според Планот за управува со Охридскиот регион таму е точно дефинирано како и што може да има на плажите. Колку што успееме да отстраниме од објектите со обезбедените средства, нешто ќе остане за понатаму. За таа намена ќе предвидиме дополнителни средства од општинскиот буџет со ребаланс, тука и државата ќе помогне, рече Георгиески.

Општина Охрид поднела 14 кривични пријави против правни и физички лица што вршеле стопанска дејност на плажи на крајбрежјето, а не ги подмириле обврските кон државата.

Во тек се вештачења и пресметка на износ што би требале да го платат по основ на закуп, а не платиле соодветни давачки. Станува збор за субјекти што извршиле узурпација на земјиште што не е нивна сопственост, таму обавувале дејност и стекнувале противправна корист. Против оние субјекти за кои имаме податоци се поднесени до Обвинителство, а за дел од нив за кои не знаеме кој е субјектите пријави се поднесени со СВР Охрид, рече Георгиески.

Градоначалникот на Охрид уште еднаш отворено ги прозва правните институции и државните служби да почнат да постапуваат по поднесените пријави.

OhridNews