Проблемите и потребите на децата и лицата со посебни потреби беа мапирани во истражувањето на здружението за воспитно образовна психо-социјална поддршка „ВОПС“. Извештајот од истражувањето, здружението го презентираше денес во Општина Охрид по повод 3 Декември , Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На настанот свое излагање имаше и градоначалникот Кирил Пецаков кој истакна дека Општина Охрид во континуитет продолжува да дава поддршка и да имплементира проекти  кои ќе обезбедат меѓународна помош за отстранување на сите бариери на локално ниво на лицата со попреченост, поголема мобилност и пристапност до сите општински и образовни институции како и обезбедување на соодветна инфраструктура која ќе им го олесни животот на оваа категорија на граѓани.

Пецаков најави продолжување на програмата за образовни асистенти како и имплементација на нов проект за лични асистенти на лица со попреченост во домашни услови.

Ја продолжуваме и програмата за образовни асистенти со која се овозможува поефикасно спроведување на воспитно- образовниот процес на децата со лесна и средна попреченост кои посветуваат редовна настава. За претстојната 2022 година со средства од општинскиот буџет е планирана имплементација на проектот персонална асистенција за лица кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост, проектот подразбира ангажирање на лични асистенти за лица кои се со тешка нарушена мобилност и овозможува помош на овие лица и нивните семејства во домашните услови, истакна Пецаков.

Тој изрази поддршка за здруженијата и иницијативите кои се во насока на поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството кои овозможуваат социјална правда и сигурност за овие лица и нивните семејства.

Овозможуваме тековно функционирање на дневниот центар „Зраци“  кој е од исклучително значење на лицата со посебни потреби и нивните семејства, со тоа што ќе продолжиме со комплетно финансирање на овој центар од општинскиот буџет. Исто така го поддржуваме функционирањето на дневниот центар на лицата со попреченост кој функционира во рамки на црквата „Св. Ѓоргија“, додаде Пецаков. 

По иницијатива на здружението за ретки болести „Ретко е да си редок“ од претстојната година ќе бидат воведени и стипендии за ученици, студенти, за магистерски и докторски студии за лица со посебни образовни потреби и ретки болести кои учат и студираат во државни и приватни училишта односно универзитети. Ваквиот паричен надоместок ќе им помогне на лицата со попреченост кои сакаат да го продолжат образовниот процес во насока на креирање подобар и поуспешен живот, истакна Претседателката на здружението  активистката за правата на лицата со ретки болести , Гордана Лолеска.

Годиниве наназад во Општина Охрид се доделуваа ученички стипендии од најразлични категории за граѓани кои ги исполнуваат овие услови. Треба да се има во предвид дека во нашата општина студираат, се едуцираат лица со ретки болести, односно посебни потреби на кои што им треба дополнителна поддршка за да го продолжат своето образование, за да може да бидат дел од нашето општество и да не зависат од бенефитите кои им ги пружа државата. Токму поради тоа на иницијатива на здружението за ретки болести, „Ретко е да си редок“ поднесовме предлог за воведување на нова категорија на стипендисти која беше прифатена од градоначалникот Пецаков, вели Лолеска. 

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува на 3 Декември од  1992 г со цел подигнување на свеста за правата на овие лица. Темата за 2021 година под која Обединетите Нации го одбележуваат денешниот ден е Лидерство и учество на лицата со попреченост кон инклузивен, достапен и одржлив пост-Ковид-19 свет “.

 

К.А.