Граѓаните на Стар град дадоа отворена поддршка на проектот за воспоставување на сегашниот режим на сообраќај, кој не е воопшто избрзан и донесен на брзина, туку на него се работи сериозно повеќе месеци. Ова меѓу другото се наведува во реакцијата на Општина Охрид, на обвинувањата изнесени од опозциската ВМРО ДПМНЕ, а во врска со поставувањето на рампите за влез во стариот дел на градот.
- Направена е и симулацијата како и снимање на состојбата кое покажа дека интензитетот на сообраќај е барем осум до десет пати поголем од нормалниот за оваа улична мрежа;
- Остварени се средби и со станозидавачите и голем број други граѓани од овој дел на градот, на кои им беше презентиран проектот;
- Напоменуваме дека од УНЕСКО децидно бараат во стариот дел да нема воопшто сообраќај;
- Веќе се поделени околу 800 картички за непречен влез и тоа на жителите од Стар град, на оние кои не се жители, а кои имаат таму куќи, возило, на станоиздавачите, на оние кои имаат фирми и на доставувачите на роба.
- Начинот на кој се одвиваше сообраќајот на овој дел од градот и претходно беше ист, само ја немаше рампата кај Горна Порта. Години наназад улиците „Коста Абраш“, „Самоилова“ и „Македонски просветители“ од 20:00 до 05:00 часот беа забранети за сообраќај. – велат од локалната самоуправа.
Додаваат дека Охрид е туристички град, чија економија во добар дел зависи токму од оствареното во шпицот на сезоната, упатувајќи апел до граѓаните на овој дел од градот, но и на останатите делови за максимално разбирање и колку што е можно да се намали користењето на возилата барем во
текот на овој и следниот викенд.
- Да покажаме сите заедно дека сме најголемиот туристички центар во државата. Свесни сме за проблемите со кои се соочуваме, не сакаме да обвинуваме никого за истите. Ние работиме посветено и сакаме Охрид да не се „шминка“ со козметички и популистички потези, туку да се направи суштинска промена на подобро. – се истакнува во реакцијата на Одделението за односи со јавноста при Општина Охрид.












