Општина Охрид денеска со соопштение до јавност реагираше на прес конференцијата на ОК ВМРО ДПМНЕ која побара локалната самоуправа да го следи примерот на владата и да донесе антикризни мерки. Во соопштението се вели:

„Бидејќи е јасно дека божемната грижа на ВМРО-ДПМНЕ за проблемите на граѓаните е упатена на промашена адреса,  со тези извадени од нафаталин, и згора на тоа помислиле дека јавноста пати од заборавност, ги потсетуваме нејзините самонаречени политичари и „народните претставници“ дека:

– Уште пред пет месеци, во времето кога Груески, Ставрески и Славески тврдеа дека глобалната криза ќе ја одмине Македонија, градоначалникот Петрески излезе со комплена програма како да им  се олесни на граѓаните и фирмите  за да се намалат  последиците од кризата. Овие мерки беа прифатени и од Советот на општината на декемвриската 61.седница.

– Со спомнатиот пакет мерки на градоначалникот Петрески, сите давачки за граѓаните и фирмите, такси и даноци кои се во надлежност на Општината, се преполовени. Со нив се опфатија даноците на имот, на наследство и подарок;  комуналните такси за користење простор пред деловни објекти, за користење музика во јавни локали, за закуп на простор за реклами  и огласи; за користење витрини, фрижидери и слично пред продажните објекти. Со тој пакет мерки на
Петрески, меѓу другото, цената за лиценца за такси превозниците се преполови, а слични олеснителни мерки и услови се воведени во услугите на општинските јавни претпријатија.  

Во истото тоа време, владата на Груески не само што не преземаше мерки, туку трошеше и троши народни пари за бронзени фигури, бикови и шмизли по тротарите и плоштадите; за делење  ваучери среде избори за нечија приватна забава и редица други расипнички и недомаќински самоволија.

Оттука, она што мислела охридската ВМРО-ДПМНЕ да го порача  на градоначалникот и  администрацијата, под итно треба  да го препрати на својот премиер, владата, министерствата и државните јавни претпријатија со кои раководи таа партија.  

Тогаш самите  ке си одговорат и на сопствеите прашања за бездушното користење државни возила,трошење гориво, ангажирање возачи и расфрлање со дневници и сметки за гоштевања и реклами за избори; или масовни вработувања по партиски клуч.

Што се однесува до долговите на општината, доволно е да се потрудат од владеачката партија да го прочитаат  уште еднаш извештајот на државната ревизија објавен два дена по изборите. Таму е јасно укажано што не преземала и што не чинела државата односно владата  за да  не се дозволи Оштина Охрид да плаќа за она што е обврска и грижа на Груески и неговата влада.

Доколку пак сметаат во владеачката партија дека со „мешање на лончињата“ ќе успеат да си обезбедат однапред алиби за она што им го ветија на граѓаните на Охрид, а планираат да не го исполнат, тогаш им порачуваме дека и градоначалникот Петрески и граѓаните не го прифаќаат било кое оправдување бидејќи кризата длабоко се чувствуваше кога тие ветуваа што се’ ќе направат“, стои во соопштението на Општина Охрид.

Ohridnews