Во Куќата на Робевци, во рамки на свеченостите по повод Св. Климент Охридски, денес,  беше потпишана повелба за соработка помеѓу општина Охрид и Стар град Сараево.

Свој потпис на документот ставија претседателката на советот на општина охрид, Гордана Коњановска и претседателот на советот на Стар град Сараево, Ведран Дедиќ. Како што истакна Дедиќ, Охрид е втората  општина во Македонија со која Стар град Сараево потпишува документ за соработка.

– Охрид  е специфичен град поради културата и туризмот , како што е случај и со градот Сараево. Се надевам дека во иднина заедно ќе соработуваме во повеќе области, со цел понатамошен развој и на двете земји, изјави Дедиќ.

Според претседателката на советот, Гордана Коњановска, потпишувањето на повелбата значи заокружување на првата етапа од формализирањето на потребата за градење  односи со значајни општини во регионот.

– Со оваа соработка го пополнуваме мозаикот на братски градови од останатите земји од регионот, при што се препознаени можностите за меѓусебна соработка и реализирање на плановите за кои претходно се разговараше. Се надевам дека ова пријателство ќе вроди со низа заеднички успешни проекти, рече Коњановска.  

Задоволство од потпишувањето на повелбата изрази и амбасадорот на Босна и Херцеговина , Здравко Беговиќ.

– Двете општини се карактеристични од аспект на турзимот и културата. Со потпишување на повелбата  имаат можност да ги збогатат своите програми со нови содржини, а ние како амбасада ќе направиме се- ова да биде само прв чекор кон воспоставување и на секторската соработка . Регионалната соработка е основен услов за да станеме дел од европското семејство, бидејќи без добри односи меѓу земјите во регионот тоа е невозможно, изјави амбасадорот Беговиќ.

Претходно, во Куќата на Робевци, во присуство на голем број гости, беше отворена фото – изложбата „ Убава Кина“ во организација на амбасадата на НР Кина во Македонија  и Општина Охрид.

Т.Кувенџиска