Државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски денес изврши официјално предавање на објектите и земјиштето на локалитетот Мауцкер, во сопственост на општина Охрид. Стефаноски, при тоа, симболично му ги предаде клучевите од објектите како и Одлуката на Владата на Република Македонија на градоначалникот Никола Бакрачески.
– Станува збор за 13 објекти кои се протегаат на 1530 метри квадратни и голема површина земјиште кои повеќе не се во функција на министерството и армијата. Меѓу приоритетите на министерството е подобрување на животот на граѓаните, во соработка со локалните самоуправи. Преку предавање на дел од имотот кој не го користиме и даваме можност на локалната да гради нова перспектива за граѓаните на овој простор. Ние како институција ќе придонесеме овој простор да се урбанизира, да добие соодветен сјај и заживее и да се придонесе кон нов индустриски развој на општината, рече Стефаноски.
Како што информира градоначалникот Бакрачески, на оваа локација ќе се гради индустриска развојна зона на која е предвидено да никнат мали индустриски стопански капацитети од лесната индустрија.
– Охрид за жал е општина со најголема невработеност и најмал животен стандард. Поаѓајќи од тоа, изминатите месеци работевме напорно за реализација на овој проект што ќе значи предуслов за креирање на нови работни места и подигање на животниот стандард на граѓаните. Домашните и странските инвеститори ќе имаат еднакво право да конкурираат за откуп на простор во индустриската зона, рече Бакрачески.
Подготовката на планот е во завршна фаза, изработена е работна верзија за изгледот на индустриската зона, а во тек е тендер за изработка и на главен проект , по што со сопствени средства на локалната самоуправа ќе следи и реализација на проектот.
Т.Кувенџиска