Членовите на социјално загрозените семејства од Охрид кои немаат материјални средства за дооформување на своето образование преку обуки и курсеви, во текот на наредната година ќе можат да аплицираат за субвенции кои охридската Локална самоуправа ќе ги издвои за оваа намена. Ова е предвидено во ,,Нацрт програмата за образование на возрасните за 2014 година’’, која ја подготвија надлежните служби на Општина Охрид.

Според оваа програма планирано е да се издвојат средства за субвенционирање на обуки по странски јазици и информатика, како и за субвенционирање на стручни курсеви за козметичари, фризери, болничари, сметководители и други занимања. Исто така ќе бидат издвоени и финансиски средства за дооформување на основно образование, а ќе бидат поддржани и низа проекти за доживотно учење.

-Ќе се субвенционираат членови на социјално загрозени семејства, со цел подобрување на нивниот социјален статус и нивно полесно вклучување во општествените текови, стои во појаснувањето во рамки на Нацрт  програмата за образование.

Според планираното субвенционираните курсеви и обуки ќе се изведуваат во рамки на Општинската јавна установа ОГУ„Кузман Шапкарев“ во Охрид.

-Се надеваме дека на почетокот на наредната година ќе знаеме колку средства за субвенции ќе издвои општината. Колку се средствата поголеми толку повеќе курсеви и обуки ќе може да организираме. Сигурна сум дека интересот за овие образовни субвенции ќе биде голем, вели Славица Ристеска, директор на Општинската јавна установа ОГУ„Кузман Шапкарев“.

Таа нагласува дека овој начин на институционалната финансиска помош за дооформување на образованието, ќе значи многу за лицата од социјалните семејства кои не можат да си дозволат ваков вид на обуки и курсеви.

Е.М