Oколу 2 милиони евра ќе изнесува кредитот од Светска Банка, кој охридската локална самоуправа очекува да го добие во текот на оваа година. Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески во изјава за медиумите појасни дека за да се аплицира за овој кредит потребно е да се исполнат голем број предуслови.
-За да може да се искористат овие средства, потребно е да имате однапред одобрени проекти, план и програма за работа, тоа е едната процедура која е потребна за апликацијата. Другата процедура е принципот за отчетност на јавните претпријатија и општините и таа се реализира со пополнување на посеби прашалници каде што Светска Банка бара средствата кои општината ги истакнува во јавноста и за приходите и за расходите да бидат транспарентни, рече Спасески.
Тој нагласи дека оваа локална власт во изминатиов период работела интензивно за да ја подобри транспарентноста на општината и на јавните претпријатија.
-Светска Банка е реномирана финансиска институција која што никогаш нема да додели средства без однапред утврден проект. Тоа беше следната фаза на која што се фокусиравме. Во моментов Општина Охрид ги има изработено сите проекти кои што се потребни за апликацијата за овој кредит, вели Спасески.
Тој потенцираше дека целата процедура околу подготовка на потребната документација, општинските надлежни служби ја завршиле за околу четири месеци, што е релативно краток период ако се земе во предвид големиот обем на работа.
OhridNews