Приватен сместувачки или угостителски објект во првата крајбрежна зона може да стопанисува со плажа која е пред објектот само ако е во согласност со предходно склучениот договор со Општина Охрид, во кој е регулирана површината за поставување урбана опрема. Општината најавува редовни инспекциски надзори на плажите со цел да се спречи узурпирање на поголем простор и поставување урбана опрема надвор од договорената површина.

Ја информираме јавноста дека ваквите контроли ќе бидат континиурани во текот на целата летна сезона и ќе бидат во координација со Државниот пазарен инспекторат. Редовни контроли ќе се спроведуваат и на слободните плажи кои не се издадени под концесија и за кои нема договори за поставување на урбана опрема, со цел да се превенира диво поставување и издавање на реквизити, велат од одделението за односи со јавност при Општина Охрид.

Како што информираат од локалната  договори се склучени со сместувачките капацитети: вила „Свис“, хотел „Холидеј-М“,  хотел „Орце Николов“, хотел „Аквалина“, хотел „Силекс“, хотел „Лагадин“,  хотел „Мизо“, хотел „Десарет“, хотел „Инекс Горица“, хотел „Гранит“, хотели „Метропол“, угостителските објекти „Бонанаца“, „Егоист“, „Голден бич“ и автокамп „Љубаништа“. Правните лица кои се сопственици на овие сместувачки и угостителски објекти, плаќаат надомест на Општина Охрид, врз основа на површината за поставување на урбана опрема, која е наведена во склучените договори, истите се  активни од 03.07.2021 до 30.09.2021 година.

Ваквите активности се спроведуваат заради воведување на ред во стопанисувањето со брегот на езерото и да се обезбеди повеќе слободен простор за жителите и туристите, кои одмараат на крајбрежјето.

OhridNews