Општина Охрид реагира на изјавите на менаџерскиот тим на плажата „Куба Либре“ и ги отфрла тврдењата на адвокатите и менаџерскиот тим на фирмата дека не добиле известување за отстранување на бесправните објекти во кои обавуваат угостителска дејност.

Решението за отстранување на објектите е издадено уште во 2017 година, а последното известување за отстранување на објектите од страна на Општина Охрид е доставено до фирмата пред десетина дена. Исто така, јавноста преку медиумите, неколку пати до сега беше информирана за целиот процес на отстранување на објектите од плажите и до сега неколку пати беше потенцирано дека ќе се пристапи кон отстранување на плажите во градската зона и дека нема да има никакава селективност во постапките. –  стои во реакцијата.

Според општината не биле точни ниту тврдењата на фирмата поранешен концесионер, дека бил изнајден начин за подмирување на закуп на земјиштето и дека имале платено кирија до 2021 година.

Општина Охрид потенцира дека станува збор за присилна наплата согласно закон и по основ на Судска пресуда по признание за стекнување без основ, со извршно решение. Се работи за минимален износ на наплатени средства кој е значително помал во споредеба со износот кој би бил наплатен за реален закуп односно концесија на земјиштето. – велат од Општината.

Од Општина Охрид остануваат на ставот дека плажата”Куба Либре” работела без концесија и остварувала приходи на државно земјиште на штета на општината и државата.

Без активен договор за концесија, непречено обавувале угостителска дејност, остварувале приходи и извршиле доградување и проширување на објектите со што узурпирале атрактивно земјиште од крајбрежјето и граделе платформи во езерото. – стои во соопштението на Општина Охрид.

Поранешните концесионери треба конечно да разберат дека времето на незаконско работење на плажите истече и дека нивните бизнис интереси повеќе нема да бидат над законите и интересите на Охрид, велат од Општина Охрид. ПОттаму најавуваат дека акцијата за отстранување на објектите од плажите на кои им е истечена концесијата ќе продолжи и во другите делови од централното подрачје и населбата Канео.

OhridNews