Со едногласното усвојување на советниците на одлуката за формирање Совет за превенција на малолетничко престапништво, општина Охрид се вброи меѓу првите неколку градови кои со низа активности ќе се залагаат за сузбивање на асоцијалното однесување на младите.


Како што појасна секретарот на општина Охрид, Димитрија Вревезоски, Советот ќе ги следи состојбите во областа на малолетничката деликвенција, ќе прави анализи , ќе покренува иницијативи за подобрување на состојбата и ќе  развива програми  за учество на локалната заедница во решавањето на проблемите во однос на малолетничко  престапништво.

Тука пред се спаѓа употребата на алкохол, дроги и други наркотични средства, насилничкото однесување на учениците во училиштата, на спортски натпревари, однесувањето при извршувањето кривични дела кражби и други потешки кривични дела, објаснува Вревезоски.

Претставникот од канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија, Александар Лазовски ја поздрави  одлуката за формирање на советот, истакнувајќи дека тоа ќе овозможи хармоничен развој на децата со целосна почит и унапредување на нивните права и нивната личност од најмала возраст.

–    Децата треба да имаат активна улога во креирањето на нивните активности, а не да бидат обични приматели на услуги, истакна Лазовски .

Задоволство од донесувањето на одлуката за формирање Совет за превенција на малолетничко престапништво изразија и претставниците на советничките групи на ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ, кои истакнаа дека задоволството е уште поголемо што Охрид е меѓу првите градови кои го поддржаа формирањето на Советот.

Согласно Законот за малолетничка правда, Советот за превенција ќе го сочинуваат претставници од министерството за внатрешни работи, од Центарот за социјални грижи, Јавното обвинителство, Основниот суд, советот на родители од основните и средни училишта, претставници од невладини организации и медиуми.

Еднаш во годината советот ќе има обврска да носи Годишна програма, да поднесе  извештај за својата работа до советот на општина Охрид, како и до Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво.

OhridNews