Сопствениците на имоти во Охрид оваа година добија решенија за данок на имот со поинаква сума од претходните години. На дел од граѓаните им стигнале решенија со помали износи за наплата, додека пак дел од граѓаните добиле решенија со поголеми износи за наплата, споредено со претходните години.

Од Охридската локална самоуправа велат дека причината за новите суми на решенијата за данок на имот не се должи на промена во пресметката на данокот, туку е резултат на ревреднувањето на имотите.

Решение од 2014 година

-Во изминатава година на територијата на општина Охрид, се вршеше ревреднување на имотите со цел да се процени нивната права вредност и да се евидентираат за плаќање на данок на имот, според реалната, а не како што беше до сега според произволна најчесто далеку помала вредност. На територијата на општина Охрид, целосно е извршено ревреднување на становите, а во моментов тече ревреднување на индивидуални куќи и на други објекти како што се дуќани, хали, гаражи, погони и слично, информираат надлежните во Општина Охрид.

Оттаму објаснуваат дека на овој начин општината искоренува уште една голема аномалија во нејзиното финансиско работење, а граѓаните ги става во рамноправна положба.

Решение од 2013 година

-Со ова, оние граѓани кои во минатото ја користеле дупката во системот сами да си вршат проценка на својот имот и да го пријавуваат, добија повисоки решенија за данок на имот, затоа што реалната вредност на имотот била далеку поголема од онаа што тие ја пријавиле. Со ова локалната самоуправа овозможува сите граѓани да плаќаат данок на имот според неговата реална вредност, а не според измислена вредност со што сите се еднакво третирани, а не привилегирани, потенцираат од општина Охрид.

Инаку бројот на сопственици на станови, куќи, деловни простории и земјиште во Охридскиот регион кои ги подмируваат обврските за данок на имот, од година во година се повеќе се зголемува. Тоа е основната причина поради која Локалната самоуправа бележи успеси во наплатата на оваа даночна обврска.
Од Одделението за даноци при Општина Охрид велат дека се задоволни од наплатата на данокот на имот и очекуваат дека истата континуирано ќе се зголемува во наредните неколку години.

Според податоците кои ги добивме оттаму, само во текот на минатата година по основ на данок на имот, општината успеала да инкасира околу 850 илјади евра или точно 51.973.818 денари. Оваа сума е поголема за околу 120 илјади евра или 7.264.256 денари од остварените приходи од данок на имот за 2012 година, кога биле наплатени околу 730 илјади евра или точно 44.709.562,00 денари.

Од Општина Охрид не информираа дека остварениот приход од данок на имот за оваа година заклучно со 25-ти август 2014 година изнесува 580 илјади евра или 35.593.133  денари.

Е.М