Општина Охрид го обжали неодамна донесениот Предлог закон за изградба на туристички развојни зони пред Уставниот суд. Со овој закон, според локалната самоуправа, се суспендира децентрализацијата и се одземаат ингеренциите на градоначалниците.

-Тој закон го имаме оспорено пред Уставниот суд затоа што комплетно е закочена децентрализацијата и се одземаат ингеренциите на Локалната самоуправа. Сигурен сум дека тој предмет ќе го добиеме и нема да им успее оваа идеа, изјави градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Тој ја обвини владејачката ВМРО ДПМНЕ дека има двојни аршини кога е во прашање политиката кон Охрид..

-Со тој закон сакаат да ми ги земат ингеренциите, т.е. се што е атрактивно место околу Охридското Езеро да  прогласат за туристички развојни зони и да го продадат тоа земјиште за едно евро. Тие пари ќе завршат во Агенцијата за туризам и не знам во какви се не џебови. Нели тие зони се заштитени и советниците од ВМРО ДПМНЕ се борат во тие заштитени зони да не се гради, а како сега илјадници метри квадратни во Љубаништа и други места може да се градат. Ако ние градиме не чини, но ако тие сакаат да градат добро е. Од тие причини скаат да ми ги одземат ингеренциите, меѓутоа нема да им успее.-рече Петрески

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека Законот за туристички развојни е изготвен со цел дополнителна промоција на туристичките капацитети на Република Македонија и овозможување нови инвестиции, а со самото тоа и зголемување на економскиот развој. Оттаму псочуваат дека проектите кои ќе се реализираат во согласност со овој законот ќе бидат во соработка со локалната самоуправа и истите ќе овозможат поголем локален развој. Оттука неточни се наводите дека станува збор за било каква „блокада“ на надлежностите на локалната самоуправа во овој дел, велат од Транспорт и врски.
 
-Напротив, Министерството за транспорт и врски со изготвување на нов Закон за градежно земјиште уште од јули минатата година овозможи општините сами да управуваат со неизграденото градежно земјиште, сопственост на Република Македонија со цел самите да го водат процесот на отуѓување и давање под закуп на земјиштето за овозможување на нови инвестиции. Општина Охрид законските услови за преземање на надлежностите во делот на управување со градежното земјиште ги исполни во месец август 2012 година, кога и беа отстапени надлежностите во овој дел и до сега согласно евиденцијата не е отуѓена ниту една локација со цел овозможување нова инвестиција, информираат од Министерството за транспорт и врски.
 
Објаснуваат дека со Законот за развој на туристички развојни зони е пропишана јасна постапка во делот на отуѓување на градежното земјиште. Имено, Туристичка развојна зона може да се основа доколку земјиштето е во целосна сопственост на Република Македонија. По изготвување на урбанистичко-планската документација, Владата на Република Македонија на предлог на Агенцијата донесува одлука за основање на Туристичка развојна зона во кој се утврдува опфатот и просторот за кој се основа зоната и во кој градежното земјиште ќе се отуѓува согласно одредбите од овој закон.
 
-Земјиштето во рамки на зоната се отуѓува по пат на јавно наддавање од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Постапката за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање, е пропишана со самиот Закон за туристички развојни зони и се спроведува по пат на електронско јавно наддавање од страна на Комисија за спроведување на постапки за јавно наддавање, составена од пет члена формирана од страна на директорот на Агенцијата и тоа по еден претставник од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи, Министерството за економија и Агенцијата за катастар на недвижности, појаснуваат од Министерството за транспорт и врски.
 
За отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Македонија кое е предмет на објавата, можат да се пријават за учество сите заинтересирани домашни и странски физички и правни лица.

Г. Момироски