Од голема желба за медиумско внимание и поради недостаток на вистински теми за критика, ОК ВМРО ДПМНЕ продолжува да биде дежурна редакција за пишување неосновни обвинувања кон Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески. Вака реагира Одделението за односи со јавност на Општина Охрид на обвинувањата на ОК ВМРО ДПМНЕ, дека не се ставени во функција рампите во стариот дел на Охрид.

Најасно е како ОК на ВМРО ДПМНЕ реагираат дека најавениот рок за ставање во функција на рампите во стариот дел на градот е пролонгиран неколку дена и дека тоа создава хаос во сообраќајот, кога во текот на претходните неколку години проследуваа реакции, одржуваа наменски прес конференции и гласно зборуваа против истиот сообраќаен режим и поставените рампи. Познато и докажано е дека ВМРО ДПМНЕ нема јасен став за ниту едно важно прашање, но вистинска манипулација за јавноста и граѓаните е лажната загриженост за жителите од стариот дел на градот, а не направија буквално ништо за овој дел на Охрид, додека раководеа и со локалната и со централната власт. За разлика од вас, врз основа на препораките на УНЕСКО за регулирање на сообраќајот во стариот дел на градот, оваа локална власт воведе режим на сообраќај врз основа на Правилнк за издавање на картички за движење на моторни возила, кој беше изготвен врз основа на јавни расправи и консултација со жителите. – се вели во реакцијата на локалната самоуправа.

Пререгистрацијата на картичките за движење со возила во стариот град, оваа година е завршена навремено, а системот за регулирање на рампите на влезот кај „Горна Порта“ се уште не е ставен во функција поради пожар на електронскиот систем на рампата, објаснуваат од Општината.

Системот е веќе сервисиран и рампите ќе бидат ставени во функција во текот на наредните неколку дена. Функционирањето на рампите оваа година ќе биде регулирано со 24 часовно физичко обезбедување и ќе биде под постојан видео надзор. Господа од ВМРО ДПМНЕ, Општина Охрид ви благодари за вашата загриженост но ве советува во иднина добро да ги проверите фактите и информациите кога пишувате вакви соопштенија. Воведовме принцип на највисока транаспарентност и достапност до сите информации кои се во интерес на јавноста и затоа ве охрабруваме слободно да се обратите до општината кога имате некакво нејасно и јавно прашање. – порачуваат од Одделението за односи со јавност при Општина Охрид.

OhridNews