Со Законот за регистрирање на подземните и надземните инфраструктурни објекти и придружни инсталации, кој стапи на сила на почетокот на годинава, секоја општина има обврска да изработи свој подземен катастар.

Тоа ќе значи дека сите подземни и надземни кабли, цевки и друга инфраструктура ќе треба да се впишат во единствен регистар. Па така, во иднина независно дали ќе се гради нов објект или санира голем дефект, нема да има потреба како до сега да се консултираат поединечно секоја од инстиитуциите чии подземни кабли се наоѓаат под охридските улици, што одзема и повеќе време, а ја усложнува и самата постапка за градење, односно санирање на дефектот. Подземната карта точно ќе кажува каде смее да се копа и каде да се изведуваат приклучоците.


Согласно законот, сите општини имаат обврска регистарот да го воспостават во јули годинава. Институциите пак, веќе се обврзани во катастарот да ги пријавуваат новопоставените инсталации, а до крајот на јануари следната година врз основа на геодетски мерења треба да ги впишат и тие со кои управувале пред донесувањето на Законот. Со тоа, од почетокот на наредната година за прв пат ќе се има комплетна база на податоци за тоа каде и што има под земја.

Подземната карта, односно регистарот ќе го води секоја општина , а графичките и алфанумеричките податоци за инфраструктурата, заедно со документацијата за нејзината изградба ќе бидат собрани во единствена електронска база.


Тоа во голема мера ќе го олесни изведувањето на градежнте зафати во Охрид. Во текот на изминатите години за да не дојде до оштетување на подземните инсталации, при градењето моравме да ја контактираме секоја институција поодделно. Истото се случуваше и при некои поголеми дефекти, па затоа и санирањето траеше подолго време. Сега сите тие податоци ќе ги имаме на ЦД. Како локална самоуправа веќе имаме стапено во контакт со сите институции кои имаат подземни инсталации, а одредени се и четворица вработени кои постојано работаат на оваа проблематика, со цел навреме да се одговори на обврските кои произлегуваат од законот,  велат од локалната самоуправа.

Старите, новите и изменетите инфраструктурни објекти и инсталации субјектите кои управуваат со нив треба да ги пријавуваат во електронска форма во општините, а тие пак, да ги префрлат во регистарот. Доколку не ги пријават, или дадат погрешни податоци, ќе треба да платат ако настане штета. За преземање на податоците од овој регистар сите, освен буџетските корисници ќе плаќаат надоместок кој ќе го утврди Владата, а тој ќе биде приход на општината. За непочитување на одредбите од овој закон предвидени се глоби од 3.000 до 15.000 евра.

Т. К.