Од локалната самоуправа ги отфрлаат обвинувањата на УМС при ОК на ВМРО ДПМНЕ дека не се води грижа за детските игралишта во општината и дека тие се во катастрофална состојба. Во реакцијата од општина Охрид се наведува дека локалната самоуправа работи посветено и дека тековно се вршат поправки и реконструкции на детските игралишта.

  • Во текот на 2019 година извршени се санации и реконструкции на детски игралишта во населбите: „Воска“, „Даљан“, „Гоце Делчев“ и „Христо Узунов“, во селото Пештани, на улицата„Јане Сандански“, кај мостот „Студенчишта“, на пешачката патека кон „Парк“, како и на детското игралиште во Градскиот парк и ОУ „Григор Прличев“. За санирање и реконструкција на детските игралишта беа ангажирани вработени од Јавните претпријатиа и беа потрошени вкупно 290.000денари, велат од локалната самоуправа.

Додаваат дека извршена е санација и на спортските игралишта во селата Долно и Горно Лакочереј за што биле потрошени 618.131 денари.

  • Вкупно 998.186 денари беа вложени за изградба на нови детски игралишта во селата Велгошти и Подмоље и за повеќенаменското игралиште на улицата „Коста Абраш“, во населбата „Варош“. Воедно сакаме да Ве информираме дека овој месец заврши изградбата и санацијата на детското игралиште во дворот на училиштето во село Лескоец, а во тек се планирања за санација и изградба и на други детски игралишта, стои во реакцијата.

Од локалната самоуправа со молба до УМС на ОК на ВМРО ДПМНЕ да не манипулира со јавноста и да се посвети на младинските политики и преземање активности за едуцирање на најмладитево насока на зачувување на јавните добра.

OhridNews