Крајно политикантски и недемократски е пратениците од ВМРО- ДПМНЕ  од Охрид, Александар Николоски и Харалампие Шокароски , за да спечалат некој ефтин политички поен, да ги подбуцнуваат и злоупотребуваат жителите на Трпејца. Заедно со советничката група на ВМРО- ДПМНЕ , која работи под нивни диктат , со овие постапки покажуваат  , дека поважни им се партиските , отколку интересите на граѓаните на општина Охрид, се наведува меѓу другото, во реакцијата од кабинетот на градоначалникот во врска со отвореното писмо на пратениците поврзано со актуелните случувања во селото Трпејца.

– На отвореното писмо , отворено мораме да констатираме дека пратениците  на ВМРО- ДПМНЕ Александар Николоски и Харалампие Шокароски , не ги познаваат законите во чие донесување учествуваат и тие. Во Законот за легализација на дивоизградените објекти стои дека се што е во процес на легализација , не се урива до завршување на целокупната постапката. Се она што нема да се легализира , ќе се урива. Градоначалникот Александар Петрески , Советот на општината и локалната администрација , се одговорни и нема да ги кршат законите . За разлика од пратениците од ВМРО- ДПМНЕ Николоски и Шокароски , кои на жителите на Трпејца им сервираат полувистини , ја обвинуваат локалната самоуправа , а не кажаа ниту збор за одговорноста и почитување на законите од страна на надлежните државни институции, особено Јавното правобранителство, стои во реакцијата.

Во него се наведува дека ако пратениците сакаат нешто да придонесат за Охрид да побараат од министерот за финансии, Зоран Ставрески, да го потпише барањето за кредит за општина Охрид.

– Барањето една година , од за нас непознати причини стои на неговото биро. Нека ги потсетат надлежните министерства и државните јавни претпријатија , да го реконструираат патот до Трпејца, нека ја покосат двометарската трева околу коловозот или со било што нека придонесат за подобрување на животот на Трпејчани, велат од кабинетот на градоначалникот.

Оттаму, се наведува дека градоначалникот Александар Петрески го поддржува револтот на жителите на Трпејца , и за разлика од ситните политиканти  од владејачката гарнитура на ВМРО- ДПМНЕ , ќе постапува според важечките закони и преку надлежните локални органи , ќе ги урива  дивоградбите што не можат да се легализираат.

OhridNews