По барањето поднесено од градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје официјално го прифати барањето и ќе упати стручен тим за теренски увид на водоснабдителниот систем.

Согласно доставениот одговор, Деканот формира стручен тим составен од тројца професори, кои ќе извршат детална проверка на клучните елементи на системот, меѓу кои: изворот Шум, изворите во Горна Белица, влезните комори, резервоарите за водоснабдување, МХЕ локациите и хлорната станица. По извршениот увид, ќе биде изготвен официјален извештај со стручно мислење и конкретни препораки за надминување на состојбата, велат од Општина Струга.

Со ова Општината, посочуваат, пристапува системски и транспарентно кон решавање на проблемот, со вклучување на највисоката академска и стручна институција од областа на водоснабдувањето.

Инаку, водата од струшкиот водовод е забранета за користење веќе недела дена поради висока заматеност на изворот „Шум“. По направените неколку анализи констатирано е дека истата се намалува, но сеуште не е достигнато нивото да може да се користи.

Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата по енормното загадување на водата за пиење и за основни животни потреби.

Н.С.Ј.