На 16 март ќе се одржи аукција за продажба на автомобилот Ауди А6 со почетна цена од 1.344.636 денари или околу 21.800 евра, информираат од Општина Струга. Аукцијата, како што соопштуваат, ќе почне во 10 часот на интернет страницата e-stvari.mk. Огласот бр. 1/2026 за продажба на подвижни предмети – патничко моторно возило, преку електронска аукција (прва објава), посочуваат, веќе е објавен и во Службен весник.

Почетната вредност за наддавање на аукцијата за ова возило, според проценката на овластен експерт, изнесува 1.344.636,00 денари, односно околу 21.800 евра. Со средствата од продажбата на автомобилот ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот, велат од Општина Струга.

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, истакнуваат, од првиот ден од преземањето на функцијата, ниту еднаш не ги користел автомобилите од возниот парк на Општина Струга, со цел максимална рационализација на високите трошоци создадени низ годините.

Ги покануваме сите заинтересирани страни да учествуваат на соодветната аукција. На аукцијата ќе бидат објавени сите информации за возилото, како и потребните упатства за аплицирање, информира Општина Струга.

Инаку, автомобилот Ауди А6 кој Општина Струга го купи 67.000 евра во времето кога градоначалник беше Рамиз Мерко крена дебата во јавноста дека е набавен во време кога општината била со блокирана сметка. Против Мерко се водеше судски спор и беше донесена ослободителна пресуда поради непостоење на основ за кривична одговорност.

Н.С.Ј.