Во четврток на 31-ви јули 2014 година истекува последниот рок за аплицирање на Јавниот оглас за вработување кој го објави струшката Локална самоуправа преку Агенцијата за администрација, за прием на 15 нови државни службеници.

Според јавниот оглас општината ќе вработи Виш соработник за администрирање на документација за судски предмети, Самостоен референт за буџетско работење, Виш соработник за материјално сметководство, Соработник за седници на совет, Соработник-административно-технички секретар на Градоначалникот, Советник за проектирање и имплементација на проекти, Соработник за угостителско-туристичка дејност, Помлад соработник-одржувач на информатичка технологија, Соработник за здравствена заштита, Соработник за урбанистичко планирање, Советник-комунален инспектор, Советник за управување и координирање со човечки ресурси и Советник за примена на информатичка технологија.

Освен за овие работни места, во рамки на јавниот оглас општина Струга бара и Раководител на одделението за јавни набавки и Раководител на одделението за просторно планирање, градби и заштита на животна средина.

Месечните примања за работните места се движат од 17.000 денари до 28.500 денари по вработен.

Покрај посебните услови за секое работно место, предвидени во Правилникот за систематизација на работните места на општина Струга заинтересираните кандидати треба да ги исполнуваат и општите услови за вработување на државни службеници, предвидени во членот 13 став (2) од Законот за државни службеници.

Заинтересираните кандидати можат да поднесат Пријава за вработување на државен службеник преку електронска апликација или во писмена форма преку писарницата на Агенцијата за администрација.

-Уредно пријавените кандидати на јавниот оглас, ќе бидат известени за времето и местото на одржување на испитот за државен службеник и за достапноста на материјалите за подготовка на кандидатите за полагање на испитот. По полагањето на испитот за државен службеник со петте најуспешни кандидати за секое работно место, односно извршител, се спроведува структуирано интервју во рок од седум дена по полагањето на испитот, пишува во јавниот оглас.

Врз основа на резултатите од образованието, од испитот и интервјуто, Комисијата за селекција објавува ранг-листа на тројцата најуспешни кандидати кои во рок од пет дена се тестираат со единствен психолошки тест со аспекти на интегритетот на личноста на кандидатот, односно може да се тестираат со тест батерија составена од психолошки тест и тест за интегритет, а трошоците за тестирањето паѓаат на товар на кандидатот.

OhridNews