Владата, очигледно сака да манипулира со јавноста , најавувајќи дека ќе го реконструира Основното училиште „ Живко Чинго “ во селото Велгошти кое е веќе реконструирано со средства од Општина Охрид, велат од кабинетот на градоначалникот Александар Петрески .

Оттаму, потенцираат дека во изминатите две години во О.У  „ Живко Чинго“ во селото Велгошти , променети се надворешните прозорци , реконструиран е подот ,поставени се нови врати во училниците , поплочен е дворот и изградена  е ограда .

–    Сето тоа е направено без финансиска поддршка на Министерството  за образование , кое инвестира  секаде , освен во Охрид. Сакаме да потсетиме дека неправедно Локалната самоуправа и Градоначалникот Александар Петрески , од страна на ВМРО- ДПМНЕ , беа обвинувани дека ја кочеле изградбата на  спортската сала во селото Велгошти. Јавноста треба да знае дека  салата беше дивоградба  и со донесувањето на законот , Локалната самоуправа под итно ја легализира . Сега, наместо да дава лажни ветувања, Владата , преку Агенцијата за спорт и млади , треба во најкус рок да ја изгради спортската сала во Велгошти, се наведува во писмената реакција од кабинетот на Петрески.

Во однос на најавата дека идната година ќе се гради дел од автопатот Гостивар- Кичево, од кабинетот на градоначалникот коментираат дека со тоа Охрид повторно е заборавен.

– Граѓаните сеуште ќе чекаат подобри времиња за изградба на автопатот од Кичево до Охрид. Пристапот до најатрактивниот туристички центар сеуште ќе биде преку инфраструктура со мизерни услови. Игнорирањето на Охрид и понатаму е дел од политиката на владата и на премиерот Груевски, се наведува во дел од реакцијата.

OhridNews