Лицемерно и крајно популистички е ОК на ВМРО- ДПМНЕ , да ја обвинува Локалната самоуправа , дека  дала согласност  на ново формираното јавно претпријатие „ Нискоградба„ за земање кредит од 6 милиони денари. Од друга страна, жално е што локалното раководство на ВМРО- ДПМНЕ од Охрид , не може да собере храброст да го предупреди нивниот лидер и премиер Никола Груевски да престане со задолжување на државата , долгови кои треба да ги враќаме , не само ние ,туку и нашите идни поколенија, стои во испратената реакција од кабинетот на градоначалникот, во врска со денес одржаната прес конференција на советничката група од ВМРО- ДПМНЕ.

Општина Охрид  работи според законите и во интерес на граѓаните, за разлика од пратениците од ВМРО- ДПМНЕ , кои наместо да ја смират ситуацијата во Трпејца , за да спечалат некој ситен политички поен , ги раскараа трпејчани. Локалната самоуправа , во случајот Трпејца, постапува во рамки на законските прописи. Инспекциските служби навреме имаат донесено решенија за уривање на дивоизградените објекти и по нив ќе се постапи по завршувањето на тендерот за избор на лиценцирана фирма за уривање на дивоизградени објекти, се наведува во реакцијата.

Како што велат од кабинетот на градоначалникот, ОК на ВМРО- ДПМНЕ , наместо да бараат ребаланс на буџетот на Општина Охрид, да го натераат министерот за финансии Зоран Ставрески , конечно да ја потпише согласноста за решавање на проблемот со старите долгови на Локалната самоуправа, со што општина Охрид би имала стабилна финансиска состојба и  средства за уривање , но и многу повеќе  за градење на објекти  во интерес на граѓаните.

OhridNews