Викендов охридската јавност беше сведок на уште еден обид за оцрнување на работата на централната и локалната власт од страна на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. Со секојдневните прес конференции сакаат да „купат“ медиумско внимание и да направат обид за релативизирање на работите, насочување на вниманието на граѓаните кон одредени теми, прикажуваат единство, без притоа да се свесни дека зборуваат за проблеми кои во најголем дел ги креирале или биле дел од нивната креација,се наведува во реакцијата на локалната самоуправа по одржаните прес конференции од општинската ВМРО ДПМНЕ.

Од локалната наведуваат факти со кои, како што велат, го побиваат изнесеното од ВМРО ДПМНЕ.

  • Линијата на компанијата WizzAir за Лутон, Лондон од охридскиот аеродром, од нејзиното воведување, никогаш не беше редовна, преку цела година, туку само сезонска. Што се однесува до автопатот до Кичево – најдобро е од ВМРО-ДПМНЕ прво да кажат зошто неговата изградба ќе биде пролонгирана, не за 4, туку за 2 години. Не постои друг автопат во светот што е проектиран без клучки (надвозници и подвозници); Поединечните проектирани траси во реалноста се целосно неповрзливи; на многу места воопшто не се завршени активностите околу експропријација на земјиштето;Затоа што воопшто не е вршена геолошка анализа на почвата каде што треба да бидат изградени сообраќајните инфраструктурни елементи и затоа што единствената важна работа за поранешната власт на ДПМНЕ била да се земат кинеските провизии и да се украдат народните пари, а не да се направи функционален автопат, стои во реакцијата.

Во однос на работата на јавните претпријатија од локалната самоуправа велат дека добро ја вршат работата, за што е доказ начинот на кој вработените се справиле со последиците од неодамнешното невреме.

Додаваат дека начинот на кој се пристапува кон промоцијата на градот е поинаков од истурање на милионски суми во „празно“. Како доказ го наведуваат тоа што Македонија годинава ќе ја посетат 1,2 милион туристи, кои ќе направат 3,2 милиони ноќевања и ќе донесат девизен прилив од 24 милијарди и денари (390 милиони евра).

OhridNews