Проблемот со недостигот и распределбата на образовните асистенти за децата со попреченост во училиштата во Охрид ја отвори дебатата за вистинската примена на инклузивното образование во пракса.

​За време на дискусијата на неодамна одржаната седница на Совет беше истакнато дека сегашниот модел, во кој еден асистент често е принуден да го дели работното време помеѓу повеќе деца во различни одделенија, ги остава учениците без потребната поддршка во поголемиот дел од денот.

Дали проблемот со образовните асистенти за деца со попреченост е решен? ​Не е решение да имаме еден асистент да оди два часа кај едно дете, па два часа кај друго, особено кога децата се во различни одделенија. ​На хартија можеби има асистент, во пракса детето повторно останува без поддршка дел од денот. За тоа стојат деца и родители, родители кои очекуваат детето да добие тоа што му следува. ​Прашањето е што ќе направи Општина Охрид? Колку деца имаат потреба од дополнителна поддршка и колку асистенти недостигаат? ​И најважно кога ова ќе се реши? Затоа што инклузијата не е само да пишува на хартија дека постои, инклузијата е секое дете реално да ја добие својата поддршка. Ако системот не обезбедува доволно асистенти, односно Министерството, општината мора некако да го реши ова, нагласи советникот од СДСМ Јован Крлев.

​Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, посочи дека локалната самоуправа будно ја следи состојбата, но укажа дека процесот во најголем дел зависи од надлежниот Ресурсен центар од Битола, кој веќе имало распишано втор повик за ангажирање образовни асистенти.

​Податоците за точниот број деца на кои им е потребна оваа услуга и колку асистенти моментално недостигаат дополнително ќе им бидат доставени на советниците. Градоначалникот исто така најави дека доколку државниот систем не ги покрие сите потреби, Општина Охрид ќе разгледа можности за сопствено ангажирање кадар од почетокот на следната година.

Тоа е тема на којашто треба да размислиме како локална самоуправа сериозно и веќе од наредната буџетска година, што значи од јануари, февруари, доколку некое детенце не е покриено со образовен асистент, а има можност сето тоа да се направи, Општината ќе размисли соодветно на начинот на можност за ангажирање на такви лица за да биде сето тоа направено, рече Пецаков.

Посочи дека истото се случувало, иако е од друга димензија, а сепак поврзано со дечињата, и со продолжен престој во училиштата, којшто кога станал градоначалник било само во училиштето „Свети Климент Охридски“ со 10.000 или 11.000 денари плата, без никакво осигурување, да се веќе има организирано следење на продолжената настава секаде каде што има услови, односно во најголемиот дел од основните училишта, со дупло поголема плата за периодот за којшто се грижат за дечињата и осигурување на пола работно време.

Ова е тема на којашто локалната самоуправа, заедно со Секторот за образование, сериозно треба да ги разгледа сите податоци коишто ги изнесовте. Тука не треба да имаме импровизација, додаде Пецаков.

Н.С.Ј.