Амбасадорот на Република Турција во Република Македонија  Гурол Сменсуер, вчера, престојуваше вој работна посета на Охрид, во рамки на која оствари средба со градоначалникот Александар Петрески.

На средбата заеднички било оценето дека Охрид има интензивна соработка со збратимените градови  Бајрампаша, Јалова, Сафраноглу и наскоро Бодрум од Република Турција, преку која се отвораат и можности за унапредување на економските односи . Оваа оценка се темели на се поголемиот интерес на турски компании за инвестирање во Охрид.


Градоначалникот Петрески го информирал високиот гостин дека претставници на повеќе турски  компании престојуваа во Охрид и покажале интерес за инвестирање, посочувајќи ја иницијативата за изградба на современ клинички центар, проект кој  според најавите на локалната самоуправа набрзо треба да отпочне со реализација.

Во разговорот со турскиот амбасадор  Сменсуер , градоначалникот Петрески потенцирал дека во Охрид веќе има индустриска зона која би била интересна за турските инвеститори од областа на индустријата. Според Петрески  потенцијалните инвеститори наместо да градат нови објекти можат да ги рестартираат или пренаменат капацитетите на фабриките  Застава, ЕМО, Лихнида, Братство, Слобода и други сега затворени компании.

Двајцата соговорници  истакнале дека ќе помогнат за брза реализација на идеите на заинтересирани турски инвеститори за изградба на елитен хотел и голем трговски центар во Охрид, информираат од Локалната самоуправа.

OhridNews