Општина Охрид во целост ги отфрла наводите искажани од страна на лицето кое писмено се обрати до медиумите, а во врска со недоделена локација за поставување урбана опрема.

„Точно е дека лицето учествуваше на јавното наддавање за поставување тезга во центарот на градот за продажба на книги. Меѓутоа, локацијата која што првично му беше издадена, заради новонастаната состојба беше променета во локација за поставување на Продавница за продажба на сувенири, како Проект финансиран од Министерството за култура на Р.М. За да недојде до било каква материјална или финансиска штета по него, лицето беше примено во општина Охрид од страна на високи претставници на општинската администрација и му се понуди друга локација во продолжение на првично утврдената. Во тогашниот разговор, од негова страна беше искажано задоволство и целосно разбирање на ново настанатата ситуација. Зачудувачки е променетиот негов однос, за кој општина Охрид со ништо не влијаеше.

Оваа година општина Охрид спроведе и целосно примени нов начин на менаџирање и доделување на локации  за продажба на отворено во централното градско подрачје. Сликата на хаотична, пренатрупана  и панаѓурска атмосфера на Градскиот плоштад, која беше стандард изминатите години, повеќе ја нема, а општинските инспекциски служби се секојдневно на терен и ги санкционираат сите оттстапувања од утврдениот ред. За тоа што сме направиле, сведочат пофалбите од страна од посетителите, гостите, нашите граѓани и сите оние кои знаат како изгледаше Охрид минатите години, а како оваа летна сезона. Но, има и такви кои не ги оствариле своите очекувања и за нив секогаш некој друг ќе ја има вината за нивните нереализирани планови.“-стои во реакцијата на Општина Охрид, на обвинувањата што на нејзина адреса ги изнесе незадоволен охридски занаетчија.

Тој јавно побара од општината да му се вратат средства кои ги уплатил по оглас бр. 1/2013  за “Поставување на урбана опрема”, наведувајќи дека локацијата за која конкурирал била откажана поради некоординираност на локалната самоуправа со Завод и Музеј – Охрид.“

Истиот истакна дека бил единствен пријавен за една од осумте локации, но по чекање од околу еден месец од надлежните служби во општината добил одговор дека не може да се оствари планот за поставување урбана опрема на предвидената локација, затоа што со истата стопанисува друга институција и дека наводно не му била понудена алтернативна окација.

OhridNews