Последниот случај кога мрша од овца со денови се распаѓаше во водите на езерото кај вливот на реката Сатеска повторно го покрена прашањето за изнаоѓање соодветно место во општината каде би се закопувал мртвиот добиток.

Во недостаток на сточни гробишта и специјална јама за фрлање на остатоците од пцовисани животни, треба да се ангажираат службите на ЈП Охридски комуналец кои потоа ги носат на депонијата во Буково.Но, со цел да се избегнат трошоците за ангажирање на јавното претпријатие, несовесни поединци со години мршите ги фрлаат каде што ќе стигнат, како што беше и минатогодишниот случај кога остатоци од животно беа расфрлани кај селото Орман.

Живинарските фарми засега проблемот го решаваат фрлајќи ги мртвите животни во јама каде се прскаат со вар.

Жителите од селата во општината каде ваквите случаи на фрлање на пцовисани животни се најчести, апелираат надлежните што покоро да изнајдат трајно решение за проблемот. Еколозите предупредуваат на штетните последици за околината при распаѓањето на остатоците од животни во водите на езерото, на јавните површини и селските средини во чија непосредна околина  се одгледуваат градинарски култури.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека постои иницијатива за изнаоѓање соодветно место каде би се закопувал мртвиот добиток, што треба да се реализира во соработка со локалната самоуправа.

Т.К.