Општина Охрид ги презеде обвските и ќе ги подмири обврските кон работниците ангажирани со договори за дело од страна на претходната локална самоуправа, за што од буџетот се издвоени 1. 789. 790. 00 денари. Ова денеска го изјави градоначалникот Никола Бакрачески, кој истакна дека општината отпочнала процес на склучување спогодби за исплата на паричните средства на овие лица кои, како што рече, покрај тоа што не добиле паричен надомест здравствено и социјално не биле ниту осигурани, а претходното градско раководство во буџетот не ги предвидело потребните средства за оваа намена. 

-Затекнавме повеќе од 300 договори на дело кои буџетски не биле планирани. За жал луѓето добивале обично парче хартија во кое најчесто минималниот износ се исплаќал во период, пред односно кога се одржувале избори и тоа една до две рати од вкупно договорениот износ. Најголем дел од тие договори се оспорени од страна на трудовиот инспекторат со единствена забелешка дека тие луѓе никогаш не се евидентирани дека оделе на работа, посочи градоначалникот и потенцира дека според договорите правно е утврдено дека 70-ина луѓе чесно си ја сработиле работата за што Општина Охрид се обврза да им ги исплати средствата. – рече Бакрачески.

Тој истакна дека за 70-ина лица општината има уредна евиденција дека секојдневно оделе на работа и ги извршувале  работните обврски. Тие ќе бидат исплатени, најави Бакрачески.

– Со 37 лица веќе имаме потпишано спогодби за исплаќање на средствата за кои тие се договориле со минатата локална власт. Со останатите од вкупно 70 лица кои работеле во образовните установи со договор општината е во постојани преговори и излегува во пресрет на нивните барања, објасни Бакрачески.

Според досега потпишаните спогодби, пари ќе се исплаќаат на наставници, хигиеничари, чувари и градинари кои биле ангажирани во охридските основни училишта, што не значи дека во наредениов период Општината не очекува потпишување на вакви спогодби со лица кои работеле во средните училишта и во детската градинка “Јасна Ристеска“, додаде градоначалникот.

Тој изрази жалење и упати јавно извинување до овие лица за, како што рече, сите неправди кои минатото локално раководство ги направило кон нив.

-Изразувам жалење што овие лица кои чесно и коректно си ја завршиле задачата во предвидениот период биле изманипулирани од претходното раководство најчесто за предизборни цели односно за добивање гласачи. Со тоа претходната власт си поиграла и со и нивниот статус и материјалната положба на нивните семејства, рече Бакрачески на денешната прес конференција.

OhridNews