На вонредна седница која се одржа попладнево по иницијатива на градоначалникот Никола Бакрачески, советниците едногласно донесоа одлука со  која општина Охрид се обврзува да ја преземе исплатата на долгот за потрошена електрична енергија на ОУ „ Григор Прличев“ кон ЕВН Македонија.

Како што рече градоначалникот Бакрачески, се очекува по стапувањето во сила на одлуката и префрлањето на парите, училиштето да добие струја и да продолжи непреченото одвивање на наставата.

Училиштето има блокирана сметка од март 2014 по основ на судско извршно решение за исплата на надоместок за експропријација извршена во 1989 година во дворот на училиштето, имот во државна соспственост, а чиј корисник е ОУ „ Григор Прличев“.Од тие причини сметката е блокирана и невозможно беше да се подмират обврските за потрошена електрична енергија. Со носењето на одлуката за плаќање на средствата преку општинската сметка, се надеваме дека уште во текот на утрешниот ден, по стапување на сила на одлуката и исплатата на неподмирените обврски кон ЕВН Македонија, ќе може да се настави со непречено одвивање на наставата во училиштето, потенцира Бакрачески.

Поради неисплатените сметки, снабдувањето со електрична енергија во ОУ „ Григор Прличев“ е во прекин од минатата недела. Наставата се одвива отежнато, односно со скратени часови во незагреани простории.

ОУ „Григор Прличев“ на ЕВН должи 813.000 денари.

Т.К.