Општина Охрид е подготвена да издвои 100.000 евра за субвенционирање на авио линија Охрид – Загреб. Со тоа граѓаните од регионот ќе бидат поврзани со сите европски дестинации и ќе се разработи аеродромот „Св. Апостол Павле“, сметаат од општината.

– Охрид треба да се залепи за некој од аеродромите кои можат да не поврзат со цела Европа и мислам дека аеродромот во Загреб е соодветно решение. Сметам дека линијата Охрид – Загреб треба да ја субвенционираме и општина Охрид е подготвена да издвои 100.000 евра за таа намена. Мислам дека тоа треба да го направи и општина Струга, а остатокот од околу 300.000 евра да го обезбеди државата и на тој начин би добиле директни линии со светот, изјави за Ohridnews градоначалникот Александар Петрески.


Заинтересираност за линијата искажала хрватската компанија „Кроација ерлајнс“, според чии пресметки се потребни 540.000 евра за субвенции. Градоначалникот Петрески смета дека со тек на време кога ќе се разработи линијата ќе нема ниту потреба од субвенционирање затоа што авионската линија Охрид – Загреб, ќе стане економски исплатлива.

– Ако патниците знаат дека во вторник и петок на пример имаат лет за Загреб, тогаш многу патувања што ги реализирале поинаку ќе ги реализираат од Охрид, а причина за тоа треба да биде и евтина авионска карта, рече Петрески.


Визната либерализација аеродромот „Апостол Павле“  во Охрид ја дочека со конекција само кон една дестинација – Цирих. Охриѓани и жителите од околните општини доколку сакаат да патуваат на друго место мора да го користат аеродромот во Скопје. Воздухопловните експерти сметаат дека тоа може да се промени доколку се прифати идејата за субвенционирање на линијата Охрид – Загреб, во што треба да учествуваат и другите општини од регионот.

– Околу 140 евра со сите трошоци би чинел повратниот авионски билет од било која европска дестинација преку Загреб до Охрид. Поентата е сега хотелиерите, здружението на угостители и другите туристички чинители да ги намалат цените, односно седумдневен полупансион во Охрид да чини не повеќе од 150 евра, така да за максимум 300 евра било кој турист од било која европска дестинација да може да престојува во Охрид една недела, вели д-р Томислав Тунтев – експерт за воздушен сообраќај.


Тунтев укажува дека во овој момент не се создадени услови за привлекување на нискобуџетни авиокомпании во Македонија. Најголем дел од нив треба да ги исполни државата, а останатото зависи од пазарот, посочува Тунтев. Тој објаснува дека македонскиот пазар не е многу голем и треба државата и локалната самоуправа да поработат на создавање услови за привлекување на нискобуџетни авиокомпании. Тие засега немаат голема врска со аеродромот во Охрид кој, како што вели Тунтев, е туристички аеродром кој треба да биде исклучиво во функција на развој на туризмот.

Понатамошниот успешен развој на охридскиот аеродром лежи во развој на туризмот, но постојат повеќе причини зошто тој не е на потребното ниво за секојдневно да слетуваат чартер или други превозници. Основен проблем е непостоењето на дефиниран туристички производ што треба да се промовира надвор. Втор проблем е несоработката на аеродромот со локалната заедница бидејќи не постои аеродром во светот кој нема воспоставена успешна соработка со локалната заедница затоа што таа е најзаинтересирана за успешна работа на аеродромот, вели Тунтев.


Тунтев изрази надеж дека состојбите  ќе се променат на подобро по презермањето на охридскиот аеродром од новиот концесионер, но според него тоа нема да биде доволно доколку локалната заедница не го сфати значењето на туристичката промоција и не придонесе за развојот на охридското воздушно пристаниште.

– Се надевам дека тогаш сите кои се инволвирани во туризмот, хотелиерите, приватното сместување, кафетериите, рестораните, продавниците, дуќаните и другите, ќе го сфатат значењето на аеродромот и туристичката промоција и еднаш веќе ќе почнат да размислуваат дека секој треба да го даде својот придонес за развој на туризмот, додава Тунтев.

Во моментов на охридскиот аеродром оперираат само два авиопревозници „Скајвингс“ и „Хелветик ервеис“, кои неделно имаат четири лета од и кон Цирих.

Г. Момироски