Физичките и правни лица кои немаат склучено соодветен договор и ги немаат подмирено трошоците за поставување на урбана опрема, ќе се соочат со отстранување на истата, предупредува локалната самоуправа.
-Заинтересираните прави и физички лица кои имаат потреба за поставување на урбана опрема, најитно да поднесат барање за поставување на урбана опрема, и да ја испочитуваат постапката за добивање одобрение за користење на истата. Во спротивно општина Охрид ќе започне со отстранување на нелегално поставената урбана опрема.- соопшти локалната самоуправа.
Согласно процедурата на локалната самоуправа и Годишната програма за поставување урбана опрема усвоена со Одлука на совет на општина Охрид, правните и физички лица кои имаат потреба од поставување урбана опрема (маси и столови пред угостителски објекти), треба да достават барање за извод од програмата за урбана опрема до Секторот за урбанизам и заштита на животна средина, како и барање за одобрение за поставување на урбана опрема.
Секторот за урбанизам и заштита на животната средина го одобрува доставениот проект доколку истиот е во согласност со изводот од програмата за урбана опрема. Потоа се изготвува договор за надоместок за краткотраен закуп на градежно земјиште за поставување на урбана опрема, согласно проектот за урбана опрема и Одлуката за утврдување на висината на надоместокот (закупнината) за поставување урбана опрема во општина Охрид за 2018 година.
Договорот се доставува до Одделението за комунални такси каде се изготвува задолжение за надомест за комунална такса, согласно Одлуката за утврдување на висината на комуналната такса за користење на просторот пред деловни простории за вршење дејност. Барателот доставува договор за извршување комунални услуги со ЈП „Охридски Комуналец“.
По регулирање на обврските кои произлегуваат од договор за надоместок за краткотраен закуп на градежно земјиште за поставување на урбана опрема и задолжението за надомест за комунална такса, Секторот за урбанизам и заштита на животна средина изготвува одобрение за поставување на урбана опрема на предметната парцела, информира локалната самоуправа.
OhridNews












