Локалната самоуправа во текот на наредните неколку месеци ќе функционира без раководно лице на Секторот за јавни дејности, функција која до неодамна ја вршеше Митре Велјаноски, сега актуелен пратеник во македонското собрание.

И покрај првичните најави дека наскоро ќе биде распишан оглас за вработување на ново лице кое ќе го пополни ова работно место, по пат на интерен или јавен оглас,  тоа нема да се случи. Со цел да се заштедат пари од општинскиот буџет, засега, ова работно место нема да се пополнува.

Освен во Секторот за јавни дејности, нема раководни лица и на правната служба и финансиската. Нивното поставување ќе значи и оптоварување на општинскиот буџет со оглед на висината на платата која ја добиваат за вршење на ваквите функции. Од тие причини засега не размислувам да поставам друго лице кое ќе го замени Митре Велјаноски. Неговите обврски кои до неодамна ги извршуваше ќе ги вршиме јас, секретарот на општината и вработените во секторот, вели градоначалникот Александар Петрески.  

Согласно законските прописи, функцијата раководител на Секторот за јавни дејности може да ја извршува лице кое е со завршено високо образование од областа на општествените науки, да има работено две години како државен службеник  и да има минимум пет годишно работно искуство.

Т. Кувенџиска