Општина Охрид планира да издвои средства за субвенционирање на евтини авионски линии до охридскиот аеродром. Ова е дел од ,,Програмата за развој на туризмот за 2014 година”, а доколку се тече според предвиденото, првите субвенционирани авионски летови се очекуваат во текот на годинешнава летна сезона.

-Воспоставувањето на евтините авионски линии до Охрид, се еден од нашите приоритети во овој период на годината и во тој дел ние сме подготвени да издвоиме максимално возможни средства за субвенционирање. Со Министeрството за транспорт и врски сме во перманентна комуникација околу воведувањето на тие авио летови. Jа разгледуваме можноста за да видиме што е она што државата ќе го субвенционира како летови до охридскиот аеродром, а што е она што ние ќе го субвенционираме. Kон овие субвенции беше планирано да се вклучи и Општина Струга, но за жал подоцна изостана интересот на струшките локални власти, вели Димитар Спасески, секретар на Општина Охрид.

Тој нагласи дека локалната самоуправа е подготвена да издвои средства за вакви субвенции во текот на 2014, 2015 и 2016 година.

-Значи имаме предвидено средства за таа намена, мислам дека се околу 12 милиони денари или 195 илјади евра годишно. Авио-компаниите од нас бараа да видат развоен буџет за три години и дека сме подготвени да субвенционираме цена повисока од 500 илјади евра. Ние сме подготвени тие средства да ги обезбедиме за да може да ги субвенционираме летовите, појасни Спасески.

И градоначалникот на Охрид, Никола Бкрачески во Новогодишното интервју за OhridNews потенцираше дека  иницијативата за воведување евтини авионски летови до охридскиот аеродром е актуелна, но голема улога во реaлазиција на оваа идеја има и ТАВ компанијата која стопанисува со аеродромите во Македонија, како и нискобуџетните авиокомпании кои би биле најзаинтересирани за летови до Охрид.

OhridNews