Локалната самоуправа на Охрид вешто крие дека вкупниот долг на општината достигнал 15 милиони евра. Ова го истакнаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција, која ја свикаа со цел да изразат револт од вчерашната маратонска Седница на Советот на Општината која траела дури до 23 часот и на која беа усвоени извештаите за работа на Јавните претпријатија и извештајот за релизираниот Буџет за 2011 година.
-Добро би било Локалната самоуправа одговорно и транспарентно да соопшти колку изнесува создадениот долг, колкави се долговите кои ги создале, за да може да ја знаеме реалната слика за Охрид и како таа во иднина ќе се решава, рече советникот Дејан Паноски.
Тој нагласи дека кредитното задолжување што го бара општината подолго време во име на некакво раздолжување никогаш не било до крај објаснето.
-Не само што не е објаснето, туку никогаш не била била подготвена документација врз основа на која би можело да се издаде дозвола за земање на таков кредит. На непотполна документација, на непотполни информации и нетранспарентен пристап никој не може да одговори какви се реалините долгови и дали тие реално сакаат да ги санираат или се работи за политичка игра, истакна Паноски.
Тој побара од општинското раководство да каже зошто бесцелно биле потрошени парите од буџетот за 2011 година, а улиците Питу Гули, Радојца Новичиќ, Јане Сандански, патот за Велгошти се во лоша состојба, а не биле реализирани ни ветувањата за изградба на модерна Автобуска станица, Градски Пазар, Конгресен центар, катни гаражи, жичарници, изградба на 50 фонтани и Дом за стари лица.
Неговата колешка Јованка Дамоска Секулоска, рече дека усвоените завршни сметки на општинските јавни претпријатија на површина ги извадиле реалните загуби на ЈП Проаква од околу 1,3 милиони евра, како и непотребните трошоци за репрезентација од 1,4 милиони денари и мобилна телефонија од 636 илјади денари, во ЈП Нискоградба.











