Освен финансискиот долг, општина Охрид се соочува и со големи материјални долгови, поради претходно предвидени, а нереализирани инфраструктурни зафати. Општината истовремено нема точни податоци со каков имот располага. Независно по кој основ настанал долгот на општината, дневно во вид на затезни камати општината губи и по 10.000 евра, односно две вработувања, информира градоначалникот Јован Стојаноски, одговарајќи на новинарските прашања околу моменталната финансиска состојба на општината.

Општина Охрид треба прво да си го знае имотот со кој располага, но жално е што во билансот на состојба на општината, многу од она што се смета  како имот, па и општинската зграда, не се евидентирани. Ние не знаеме со колкав имот располагаме. Не ги знаеме ни кои се побарувањата кои ги имаат граѓаните. Проблем е и материјалниот долг. Во минатото се планирале улици, не се изградиле и тие стојат како материјална обврска на општината да ги изгради. Со тоа пак, нараснуваат долговите, вели Стојаноски.

Стојаноски најави средба со граѓаните и инвеститорите за решавање на проблемите околу висината на комуналиите.

Често во секторот за урбанизам се цртаат планови во кои се предвидени одредени активности, изградба на објекти, а за сето тоа општината треба да направи соодветна инфраструктура. Ние имаме ситуации кога со надоместокот за уредување на градежно земјиште–комуналиите, не ги покриваме трошоците. Тоа е системски проблем кој генерира загуби во општината, вели Стојаноски.

Иако градоначалникот не сакаше да ја открие моменталната висина на долгот, како што рече поради одредени причини, кажа дека е упатен повик до доверителите по кој тие треба да се изјаснат кој дел од долгот го простуваат, за да се знае понатаму како побарувањата ќе се подмират. Откако сите овие проблеми ќе се решат, тогаш може да се има точна претстава за моменталната состојба и понатамошните чекори кои ќе бидат преземени околу задолжувањето, нагласи градоначалникот Стојаноски.

OhridNews