– Сметаме дека се работи за монтирана , очигледна клевета и злоупотреба на дел од медиумите, со цел да се оцрни работата на секретарот и локалната администрација, се вели во реакцијата.
Од општината уште информираат дерка сериозно ги земаат во вид укажувањата на истражните органи, но тие според локалната, не се однесуваат на работата на секретарот туку на лице кое се наоѓа на пробна работа. Оттаму тврдат дека согласно законот општината нема друг механизам освен да укаже на недозволени дејствија, што било и направено. Додаваат дека во случајот е злоупотребено името на општината како институција од страна на поединец за цел која не е поврзана со работењето на локалната самоуправа. Од општина Охрид уште информираат дека ќе постапат според законот при истекот на договорот за пробна работа на посочениот работник, кој завршува оваа пролет.
СВР Охрид неодамна поднесе кривична пријава против советникот за контрола и евиденција за исплата во општина Охрид, за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против секретарот на административната служба во општината, за кривично дело „несовесно работење во службата“.
Првопријавениот купил осум гуми за возило во износ од 44.440, притоа изготвувајќи испратница и фактура, наводно дека гумите биле за потребите на општината, но истата не ја предал за книжење во книговодствената евиденција, а гумите ги монтирал на своето возило.
Според полицијата, второпријавениот несовесно постапил во неговото работење, со тоа што на првопријавениот му овозможил неоправдано отсуство од работа за 24 работни дена без да спроведе дисциплинска постапка и да му изрече мерка „престанок на работниот однос“. Исто така за други денови кога не доаѓал на работа му дозволил во книгата за редовност да се потпише. На овој начин му овозможил на првопријавениот да прими плати во вкупен износ од 135.877 денари, соопшти МВР.