Ниту милионските грантови од европските фондови не се доволна мотивација за општините од југозападниот плански регион да го решат деценискиот проблем со изградба на регионална депонија. И натаму главна пречка е локацијата, бидејќи ниту една од општините не ја сака депонијата на своја територија. Општина Дебрца, која според студијата изработена со средства од ЕУ фондовите, е избрана за најидеална локација, децидно се противи на изградба на регионална депонија, што беше потврдено и на референдумот кој се одржа заедно со локалните избори.

-Oстануваме на тоа што го кажаа граѓаните. Ние сме против изградба на регионална депонија во Дебрца, бидејќи сметаме дека локацијата не е најдобро избрана и не ги задоволува еколошките стандарди, затоа што се наоѓа во сливот на Охридско Езеро кое е под заштита на УНЕСКО. – изјави Зоран Ногачески – градоначалник на општина Дебрца.

Депонијата во Југозападниот плански регион е само еден од многуте нереализирани проекти, поради што, земјава секоја година испушта милионски средства од европските фондови.

-Не можам да кажам колку минатата година се искористени од тие условно 100 милиони евра европски средства, но процентот е многу мал, можеби околу десеттина проценти. -истакна Стојан Савески од Центарот за развој на југозападниот плански регион.

ЕУ во рамки на грантовата програма за периодот 2014-2020 година за нашата земја годишно предвидува околу 100-на милиони евра, а клучен сегмент којшто може да придонесе за поголемо искористување на овие средства се општините. Оттаму, сметаат стручњаците, неопходно е зголемување на капацитетите на локалните самоуправи за аплицирање за европските фондови, бидејќи парадоксално е од една страна тоа што општините немаат пари, а од друга страна не ги користат средствата на ЕУ.

Деновиве во Струга се одржа работната средба на претставници на општините од Југозападниот плански регион, стручни служби од ресорните министерства и Центарот за развој на Југозападниот плански регион, на која присуствуваше и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, на која се разговараше за подигнување на капацитетите на локалните самоуправи за подобро искористување на ИПА фондовите.

Г.М.