Со оглед на новонастанатите околности поврзани со траењето на мандатот на градоначалниците и членовите на Советите во општините во Република Македoнија, и целокупното функционирање на локалната самоуправа, Управниот одбoр на ЗЕЛС, денеска одржа итна седница на која уште еднаш беше испратено барање до собранието да изнајде итно решение за непречено работење на општините.

-Изразувајќи огромна загриженост за нормалното функционирање на локалната самоуправа и избегнување на состојбата на создавање на правен вакум во извршување на надлежностите на општининте а пред се во интерес на граѓаните, ЗЕЛС по опсежната дискусија испрати апел до Собранието на Република Македонија, политичките партии и останатите државни институции веднаш и без одлагање да најдат решение со кое нема да се дозволи да настане запирање на функционирањето на локалната самоуправа.- велат од ЗЕЛС.

Од ЗЕЛС додаваат дека членовите на Управниот одбор поаѓаат единствено од интересот на граѓаните, истовремено констатирајќи дека нема друга правна можност во периодот утврден како прва половина на мај општините во Републиката да продолжат да функционираат непречено.

Управниот одбор закажа следна итна седница во понеделник, 15 мај кога на градоначалниците и советите им истекува мандатот.

OhridNews