Од општинската СДСМ тврдат дека поради лични и ситно партиски интереси извршена е фиктивна експропријација на пет парцели кај Оровник, за кои од државниот буџет биле исплатени 10 милиони денари.
На денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески приложи имотен лист од катастарска општина Оровник, каде што како сопственик на регистрираните парцели фигурира државата – Република Македонија. Во него се регистрирани парцели што во 2009 година биле експроприрани од страна на државата, односно биле откупени од сопствениците на нивите, за потребите на аеродромот.
– Тоа е направено во периодот непосредно пред потпишувањето на договорот за концесија помеѓу Владата и концесионерот на македонските аеродроми. Притоа, државата зеде обврска дека на источната страна од аеродромскиот комплекс во Охрид, непосредно пред пристанишната зграда и контролната кула, ќе го експроприра земјиштето од приватните сопственици, за да му го предаде на користење на концесионерот за изградба на нов паркинг простор за моторни возила. Се работеше за десеттина парцели на северната страна од пристапниот пат кон аеродромот, каде што се изгради новиот паркинг. Но, на имотниот лист, покрај наведените парцели, фигурираат и 5 парцели , со вкупна површина од околу 10 илјади метри квадратни, кои немаат никаква врска со споменатиот простор, рече Кузески.
Тој објасна дека тоа се парцели што се наоѓаат на спротивната, јужната, страна од аеродромскиот комплекс, кон крајот на пистата, во непосредна близина на брегот на езерото и кои се на оддалеченост поголема од 1 километар од парцелите што требало да бидат експроприрани.
– Некои од нив се наоѓаат на поголемо растојание од 200 метри од периметарската ограда на аеродромскиот комплекс, што значи дека немале никакво значење за процесот на експропријација. Сепак, поради лични и партиски интереси, сосема непотребно е извршена експропријација и на овие 5 парцели и на сопствениците им се исплатени по цена од 1000 денари од метар квадратен. Значи, за земјиште со никаква пазарна вредност, кое немало никаква врска со процесот на експропријација со оглед на неговата местоположба, надлежните институции од ДПМНЕ на сопствениците на овие 5 парцели, само поради нивната блискост и поврзаност со нив, им ја купиле земјата во вкупна вредност од околу 10 милиони денари, изјави Кузески.
Кузески додаде дека со селективна примена на законските прописи, сите останати сопственици на парцелите во околината биле ставени во нерамноправна и подредена положба.
OhridNews