Од општинската СДСМ со реакција за дел од вчера донесените одлуки на советот, поточно за давањето согласност на Одлуката за усвојување на физибилити студијата за ЈПП за изградба на затворен зелен пазар ,предлог одлуката за донесување на Правилник за субвенционирање на туристичката такса и предлог одлуката за давање согласност на Ценовниците на услугите на дел од Јавните комунални претпријатија.
Од СДСМ сметаат дека наведените одлуки негативно ќе се одразат врз понатамошното работење на локалната самоуправа, Јавните комунални претпријатија и живеењето и работењето на граѓаните.
Во врска со одлуката околу изградбата на затворен зелен пазар, од ОО на СДСМ реагираат на прифаќањето на изработената Физибилити студија од страна на ангажираната консултантска куќа од Скопје, затоа што сметаат дека студијата е крајно непрофесионално изработена.
– Напоменуваме дека не сме против отпочнување на постапка за изградба на Затворен зелен Пазар по пат на ЈПП, идеја која беше започната уште во времето на претходниот градоначалник Александар Петрески. Меѓутоа со ваков изграден модел на инвестирање, односно врз база на студија во која е прикажана само една можна опција за изградба на пазарот, без притоа да биде разгледувана и барем уште една можна варијанта или да биде разгледувана нултата инвестициска опција (да не се гради затворениот пазар) е сосема неприфатливо при инвестиционо планирање. Сакаме да истакнеме дека во “Законот за концесии и Јавно приватно партнерство”, се наведени четири модела за остварување на ваков облик на соработка, а ангажираниот консултант си зема за право самиот да одлучи кој од тие модели е најпогоден, со што навлегува во ингеренциите на нарачателот на услугата-Општина Охрид, велат меѓу другото од ОО на СДСМ.
Оттаму, донесувањето на правилникот за субвенционирање на туристичка такса го коментираат како лицемерие на локалната самопурава.
– Советничкото мнозинство усвои Правилник, односно акт, чие донесување не е во рамките на неговите надлежности, утврдени со закон и статут. Правилникот е акт што треба да го донесе градоначалникот, како извршна власт во општината, врз основа на неговите законски надлежности. Советот, согласно законот и статутот, носи одлуки, заклучоци и ставови и дава мислења и насоки. Но, ДПМНЕ одамна покажа дека не ги почитува законите на оваа држава, потенцираат од општинската СДСМ.
Во врска со вчера изнесеното на прес конференцијата на ОК на ВМРО- ДПМНЕ за претседателот на ОО, Томислав Тунтев, од ОО на СДСМ велат дека се само невистини, конструкции и инсинуации, производ на Центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ.
OhridNews