Состојбaта со загадувањето на водата во Св. Наум треба најитно да се санира за да не се повторат непријатните труења од минатото лето, сметаат од Општинскиот инспекторат. Оттаму посочуваат дека состојбата сега не е алармантна, но потврденото присуство на фекалната бактерија “ешерија коли“ во изворските води предупредува дека состојбата може да излезе од контрола доколку соодветно не се третираат отпадните води од угостителските објекти во комплексот.
Дел од хотелско – угостителските капацитети во Св. Наум се наоѓаат во манстирскиот комплекс кој е во надлежност на Дебарско-кичевската епархија, од каде тврдат дека загадувањето не доаѓа од објектите од кои црквата наплаќа кирија. Според владиката Тимотеј, одговорноста треба да се бара кај другите угостителски објекти во комплексот во кој покрај воениот камп функционираат уште неколку ресторани. Од Управата за водосптопанство до која реагирала општинската инспекција се дистанцираат од одговорност со образложение дека случајот е во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина. Оттаму повикувајќи се на анализи од месец јули со кус допис информираа дека состојбата не е алармантна, што е спротивно на податоците со кои располага општинскиот инспекторат.
По актуелзирањето на случајот Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро најави дека во текот на следните денови експерти од Македонија и Албанија ќе направат заедничка анализа на водата во Св. Наум, со цел да се откријат причините за фекалното загадување на изворите и езерото што ова лето предизвика повеќе случаи на труење.












