Општинскиот инспекторат од Охрид , ги потсетува  граѓаните дека на 1-ви април 2012 година , истекува крајниот рок до кога станарите во колективните стамбени згради, треба да формираат заедница на станари или да назначат управител кој ќе се грижи за одржување на станбената зграда.

По овој рок, општинските инспектори овластени за домување ќе излезат на терен и ако откријат згради во кои станарите не го испочитувале законот, тогаш ќе побараат од судот да им одреди принуден управител, нагласуваат од локалната самоуправа.

Обврската да регистрираат заедница на сопственици или да определат управител, важи за станбените згради со повеќе од двајца сопственици или повеќе од осум станови.

Доколку до овој рок станарите не определат управител или не регистрираат заедница на станари тогаш на барање на овластениот инспектор ќе биде определен управител од страна на судот во вонпарнична постапка.

За регистрирање на заедница на сопственици потребни се следните документи:Одлука за формирање заедница на сопственици, Одлука за донесување на статус, Статут на заедницата на станари, Одлука за избор на претседател, План за одржување на станбената зграда, Договор за заемни односи меѓу сопствениците на посебните делови на зградата, Куќен ред согласно правилникот и станрадите за домување и Записник од конститутивниот состанок на собирот на сопственици.

За непочитување на одредбите од Законот се пропишани глоби во износ од 300 до 800 евра во денарска противвредност.

OhridNews