Спасителите на вода ова лето извршиле 23 интервенции на извлекување на давеници од вода и над 350 интервенции на укажување на прва помош. Најголем број од нив на плажата во Свети Наум. Имало случаи на укажување на помош и на непливачи кои се возеле на педалинки, но и на капачи кои не ги почитувале дадените препораки на спасителите на вода, но и со здравствени проблеми.
За жал и годинава дел од концесионерите не обезбедија услови за безбедно користење на плажите и пливалиштата.
– И покрај нашите сугестии и укажувања до нив и до охридската Капетанија на пристаништа не успеавме да обезбедиме безбедни плажи на целото крајбрежје. На шест од нив недостасуваа реквизити за безбедно користење на капалиштата, но затоа не недостасуваа лежалки и оние реквизити кои се второстепени по значење насекаде во светот, потенцира Точков.
Спасителите на планина кои го обезбедуваа европскиот натпревар по прецизно слетување со параглајдери имале три посериозни интервенции и преку десет интервенции на укажување прва помош на самите учесници. Била извршена и една интервенција врз слободен летач со параглајдер.
Од општинскиот Црвен крст велат дека и во идниот период ќе продолжат со надоградување на капацитетите и усовршување на новите вештини и техники, се со цел што поуспешно извршување на активностите.












