Волонтерите од општинскиот Црвен крст, деновиве, со интензивни активности поради ниските температури. Се носат кебиња, топла облека за социјално загрозени семејства кои немаат греење, храна, се интервенира онаму каде што помошта е најпотребна.

Како што информира претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, до сега нема пријава за лица кои немаат покрив над глава и кои бараат да се засолнат од студот. Нивните активности се реализираат според податоците со кои тие располагаат, односно им се помага на семејствата за кои имаат сознанија дека живеат во тешки и несоодветни услови за вакви временски неприлики.

Денес и вчера тим при општинскиот Црвен крст посетил жена во Горно Лакочереј која живее сама во куќа без греење. Однесени и се кебиња, облека, храна.

Од Црвен крст потенцираат дека ваквите активности продолжуваат и во наредните денови.

OhridNews