Во општинскиот Црвен крст денес со пригодна свеченост беше одбележан 17 март, Денот на крводарителството во Македонија. Охридската организација и понатаму се издвојува како една од најуспешните во земјата кога станува збор за собраните единици крв и одзивот на граѓаните кои сакаат да ја даруваат драгоцената течност.

Минатата година имаме едно лице кое 100 пати дарувало крв, двајца кои тоа го направиле 50 пати, а има и граѓани кои дарувале по 25 и десет пати. Крводарителството во општинската организација е една од дејностите на која активно работиме  и постојано ја унапредуваме. Здравствените техники во последно време се посовремени и има помала потреба од крв и крвни продукти. Со исполнетиот план во 2014 може да кажеме дека сме ги исполнале потребите на сите здравствени установи во Охрид и Дебарца, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Охриѓанецот Петре Трајчески досега 100 пати дарувал крв. Вели- и во иднина ќе продолжи додека може да помага и ја дарува драгоцената течност што живот значи.

Уште како мал почнав да дарувам крв и во секое време кога можев одев и тоа го правев. Посакувам и другите кои можат да даруваат крв , вели Трајчески.

На денешната свеченост благодарници и признанија им беа доделени на сите заслужни крводарители, фирми и поединци што дале придонес во развојот и унапредувањето и омасовувањето на крводарителството во регионот на Охрид и Дебарца.

Признанија добија и дел од охридските медиуми, меѓу кои и OhridNews.

OhridNews