Осум кандидатури ги исполниле условите по конкурсот за доделување на Повелба-Патрон на Градот „Св. Климент Охридски“, информираа Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на општина Охрид.
Кандидатите за овогодинешната Повелба се: Миланка Новеска – за промоцијата на Охрид низ соло настапите во Македонија и на меѓународно ниво, Стефаноска Славица – за хуманитарна активност во здружението за глуви и наглуви лица, Ленче Шикоска Башоска – за негувањето на традиционалните вредности во Охрид, Армин Мохар – стопанственик и сопственик на текстилна фабрика, Стојан Стојаноски – за објавените фотографии од Охрид на светски медиуми, Акцијашкиот клуб ”Брег на младоста”- за негување на акцијаштвото, Пековска Виолета – за стручна дејност и трудови во образовната сфера и Петар Голабоски – за промоција на Охрид преку боречките вештини Аикидо.
Во идниот период, Комисијата ќе ги разгледа кандидатурите и на следниот состаник ќе се произнесе за доделување на Повелбата Св.Климент Патрон на Охрид.
Инаку, Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на општина Охрид е составена од советниците Дејан Пановски-претседател , Јованка Точко, Оливија Пирузева Јанева, Александар Калачоски и Коста Трифуноски.
Претходно, локалната самоуправа соопшти дека до комисијата за разгледување на пријавите за „Свети Климентовата награда“ формирана од градоначалникот Никола Бакрачески пристигнале десет апликации.
Меѓу пријавените се: Димче Јанко –копаничар, Димитар Масевски –композитор, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ Охрид, Спец. д-р. Никола Михајло Филев – вработен во детското одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид, Петар Голабоски од Здруженето на граѓани „Аикидо Клуб Буџин“ Охрид, Проф. Александар Радиќ – Леко, Проф. д-р. Павле Митревски – творец од областа на науката,културата и образованието, Тоде Илиевски – филолог за животно дело во областа на книжевноста, енигматика и проблемски шах, Јордан Манасијески – сликар и Милан С. Белески – самостоен занаетчија.
OhridNews